Демократката Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп во ударен вечерен термин, ќе ги соочат своите ставови на третата и последна претседателска дебата што ќе се одржи во Лас Вегас, Невада.
Според најновите анкети, Клинтон и натаму бележи водство и ова можно е да биде шанса за Трамп да го промени курсот во трката за Белата куќа, на помалку од три недели пред изборите.
Последната дебата се чини дека е клучна за Доналд Трамп кој заостанува зад Клинтон за во просек шест проценти.
Републиканскиот кандидат продолжува да ги предупредува симпатизерите дека се борат со политичката машинерија на Клинтон и пристрасните медиуми. „Ова е наместен систем, но нема да дозволиме тоа да се случи“, рече тој.
Одредени републиканци го отфрлија ова тврдење.
Трамп воедно ги отфрли обвинувањата на неколку жени за непристојни активности во минатото. „Се работи за лаги кои се пласираат од страна на медиумите и кампањата на Клинтон, во обид да ја држат контролата врз нашата земја. Се` е измислено, 100 проценти“.
И покрај контроверзата околу електронските пораки, Клинтон изминативе денови се обиде да се фокусира на други прашања.
„Како прво, треба да направиме економијата да функционира за сите, а не само за оние на врвот, можеме да го сториме тоа“, истакна демократската кандидатка.
„Заради видео материјалот со недолични коментари и обвинувањата на неколку жени, според одредени анкети, Трамп заостанува зад Клинтон во поддршката на гласачите“, вели аналитичарот Том Де Франк.
„Ова однесување нема да помине добро кај белите жени со високо образование, а нивната поддршка му е потребна“, додаде тој.
Трамп и Клинтон се чини дека имаат различен пристап за претстојната дебата, вели републиканскиот стратег Џон Фихери.
„Сметам дека Клинтон ќе игра на картата „безбедно“ бидејќи верува дека води. Трамп ќе оди на „се` или ништо“, зашто верува дека треба да го надомести загубеното и на некој начин да ја нападне“, вели овој експерт.
Во последните недели од кампањата, обата кандидата ќе се фокусираат на таканаречените „неопределени“ сојузни држави, од коишто и ќе зависи исходот на изборите.