Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп кажа дека веројатно подобро ќе му оди без поддршката на, „слабите и неефикасни“ луѓе во неговата партија, вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан.
Во интервју за телевизијата „Фокс“, Трамп истакна дека Рајан и другите членови на Конгресот, биле „груби“ со него и не ја поддржуваат неговата кандидатура.
Коментарите уследија неколку дена по обелоденувањето на видео лентата од 2005-та година, каде Трамп дава непристојни изјави за жените, и последователните соопштенија од неколку републиканци во кои тие јасно кажуваат дека не ја поддржуваат кандидатурата на Трамп.
„Добро е што оковите се отстранети и сега ќе се борам за Америка, онака како што сакам“, кажа Трамп преку Твитер.
Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама коментарите на Трамп за жените ги нарекол „одбивни“ и смета дека претставуваат сексуална злоупотреба.
За време на дебатата во неделата, Трамп се извини за кажаното, додавајќи дека е засрамен од зборовите.
Но, тој остро ја нападна демократката Клинтон дека им се заканувала на неколку жени коишто го обвиниле нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон, за силување и сексуално злоставување.
Хилари Клинтон за време на обраќањето во Мајами во вторникот, ги игнорираше овие тврдења и се фокусираше на, како што ја нарече, глобалната криза – климатските промени. Глобалното затоплување го нарече реален и итен проблем, додавајќи дека САД можат да предводат во напорите во справување со него. Таа кажа дека во целост го поддржува Договорот за климатски промени од Париз, додека Трамп е против. Клинтон подвлече дека Трамп глобалното затоплување го нарекол шега креирана од Кинезите.
На собирот присуствуваше и поранешниот потпретседател и експерт за глобално затоплување Ал Гор, кој кажа дека на САД им е потребен лидер кој има страст и се грижи за животната средина, а не некој кој порекнува она што се случува и којшто планетата Земја ќе ја втурне во, „климатска катастрофа“. Гор го издвои ураганот „Метју“ како пример за посилни и посмртоносни невремиња, заради потоплите океански води.