Линкови за пристапност

Дали со подемот на Трамп се зголемуваат шансите на Клинтон?


До крајот на претседателската трка треба да се види дали републиканците во обата дома на Конгресот, ќе застанат зад Трамп или ќе се дистанцираат од него

Кога Доналд Трамп ја почна претседателската трка, анкетите покажаа дека ќе треба да се справува со голема група искусни политичари, со неколку мандати како гувернери на сојузни држави, или пак биле сенатори.

Со победата на прелиминарните избори во Индијана, Трамп ја заврши 10-месечната трка и влегува во изборен дуел, најверојатно со поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

„Трамп го шокираше целиот политички естаблишмент, и овде не се мисли само на републиканскиот естаблишмент, туку и на коментаторите, на луѓето коишто мислат дека знаат што се случува," смета Пол Хелмке, професор на Школата за јавни и прашања за животната средина, при Универзитетот Блумингтон. Според него, ова е прекрасна приказна, ова е и страшна приказна за многумина, но Трамп е фокусиран на одредена работа, и трката во Индијана го покажа тоа.

Неговата победа во оваа сојузна држава го стави во позиција да добие доволен број делегати кои би ја поддржале партиската номинација пред конвенцијата во јули.

Сенаторот од Тексас Тед Круз и гувернерот на Охајо Џон Кејсик, се обидуваа да освојат што е можно повеќе делагати за да го спречат Трамп, но не успеаа во намерите, по што и двајцата се повлекоа од трката.

„Во целата оваа ситуација, мислам дека многу луѓе сметаат дека Владата веќе не е ефикасна, лути се и сакаат некој кој ќе им вети дека може да направи промени, а Трамп е тој кој ветува дека тоа ќе го исполни. Мислам дека токму тој игра на таа карта”, изјави Хелмке за Гласот на Америка.

Од редовите на Демократската партија, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, многу заостанува зад Клинтон, исто така победи во Индијана, и притиска во кампањата, ветувајќи дека ќе остане во трката до крај.

Изминативе неколку недели Клинтон јавно апелираше до симпатизерите на Сандерс, укажувајќи им дека доминираат работите што ја обединуваат со Сандерс, наспроти тие што ги раздвојуваат двајцата кандидати.

Мет Далек, асистент на Школата за политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон, пак, смета дека ќе биде тешко Трамп да ја води кампањата поинаку од анти-имигрантските, анти-муслиманските и пораките против жените, кои го доведоа до републиканската номинација.

Овој експерт додава дека до крајот на претседателската трка останува да се види што ќе се случи со Републиканците во Претставничкиот дом и Сенатот, кои и самите се борат за реизбор и кои треба да одлучат дали ќе застанат зад Трамп или да се дистанцираат од него.

Кампањите за изборите во ноември нема да почнат се` додека обете партии не ги одржат своите конвенции во јули. Сега следат прелиминарни избори во уште девет сојузни држави за назначување на преостанатите делегати.

XS
SM
MD
LG