Доналд Трамп се очекува да победи во сите пет сојузни држави каде денеска се одржуваат прелиминарни избори, со што дополнително се зголемуваат шансите за добивање на претседателската номинација од редовите на републиканците.
Изборите во Пенсилванија, Конектикат, Делавер, Мериленд и Род Ајланд се случуваат откако ривалите на Трамп, сенаторот од Тексас, Тед Круз и гувернерот од Охајо, Џон Кејсик, објавија план за спречување на Трамп да го добие мнозинството делегати.
Напорот на овие кандидати, Трамп го нарече, „патетичен“.
Од редовите на демократите, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, води во анкетите во четири од пет сојузни држави. Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс има предност само во Род Ајланд.
На денешното гласање во залог се 462-ца делегати, а други 276 се на располагање наредниот месец, што значи Клинтон треба да добие нешто повеќе од половина од нив, за да го достигне мнозинството од 2,383 делегати.
И покрај лошите прогнози, Сандерс на неколкупати кажа дека останува во трката се` до конвенцијата во јули.