Поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс синоќа во Милвоки, сојузната држава Висконсин, одржаа уште една дебата со цел, да ги убедат потенцијалните гласачи дека се кандидати за сите граѓани, особено оние од средната класа.
Реториката меѓу кандидатите се заостри и за придобивање на гласовите на малцинствата во земјата, особено жителите од афро-американско потекло, коишто се очекува да имаат клучна улога во изборите во Јужна Каролина.
„Не можеме повеќе да го оставаме проблемот настрана, мора да се справиме со него. Денес едно афро-американско бебе има 1 спрема 4 шанса да заврши во затвор. Тоа е непоимливо“, кажа Сандерс.
„Кога зборуваме за реформите во кривичниот закон и ставање крај на ерата од масовно притворање, паралелно треба да зборуваме и за работни места, образование, домување и други начини на кои може да им се помогне на општините“, потенцираше Клинтон.
Клинтон во четвртокот доби силна поддршка од групата Афро-Американци – членови во Конгресот, меѓутоа и натаму е неизвесно дали ова ќе биде доволно за победа на партиските избори во Јужна Каролина закажни за 27-ми февруари.