Линкови за пристапност

Американците поделени на многу фронтови пред изборите


Има многу индикации дека претседателските избори ќе бидат тесен натпревар меѓу двајцата кандидати, а една од причините е што САД остануваат поларизирана нација.

Американската политичка поделеност е градена со децении. Партиските борби во Конгресот околу буџетот и големината на владата, комбинирано со долгите битки околу социјалните прашања, како абортусот и истополовите бракови, ги отежна односите меѓу обете партии за компромис и изнаоѓање на заедничко решение.

Питер Браун е од Институтот Квинипек што редовно спроведува анкети за политички прашања и кандидати ширум земјата.

„Живееме во поларизирана земја. Исто така, живееме во земја каде различни луѓе имаат различни вредности и животен стил. На пример, од она што знаеме досега, доколку живеете во урбана област, најверојатно сте наклонети кон Демократската партија. Доколку живеете во рурална област, најверојатно би гласале во полза на републиканците“, изјави Браун.

Политичката поделеност е очигледна во многу форми. На пример, брачен пар белци кои редовно посетуваат црковни служби, има тенденција да гласа во полза на Републиканската партија, додека лица кои не се белци и кои не се мажени или женети, кои не се големи верници имаат тенденција да гласаат за демократите.

Изминативе неколку децении во американската политика се прошири и поларизација базирана на половата припадност. Демократите имаат тенденција повеќе да ги добиваат гласовите меѓу женската популација, додека републиканците се чини дека имаат предност меѓу мажите. Треба да се потенцира сепак дека овие трендови се предмет на незначителна флуктуација од еден изборен циклус кон друг.

Голема поделеност се чини изминативе неколку години има во тоа како Американците ја гледаат улогата на централната влада. Неодамнешна анкета на Вол стрит џурнал и Ен-Би-Си покажува дека 49% од испитаниците веруваат дека владата треба да стори повеќе за да им помогне на луѓето, додека 47% велат дека владата веќе прави премногу.

Американците често ја искажуваат својата фрустрираност околу политичката поделеност во многубројните анкети каде мнозинството ги повикува обете партии да се откажат од фокусираноста од идеологијата и да бараат компромис.

Потенцијалните гласачи на Конгресот му даваат мошне низок рејтинг, во голем дел поради тоа што американските законодавци честопати влегуваат во партиски ќорсокак и не се во можност да ја завршат работата.

Експертите се категорични дека политичарите во Конгресот минуваат премногу време дискутирајќи за партиските позиции по одредени прашања, а малку време на барање на заедничка основа.

Засега, фрустрацијата околу двете главни политички партии не резултираше во поголем интерес за формирање на трета поголема или други неколку помали партии.

Традиционално во САД владее двопартиски систем, но одвреме-навреме се појавува и трета партија која може да има влијание во претседателските избори, како што беше случај во 1912-та и 1992-та година.

Обидот да се стори истото и оваа година заврши неуспешно откако организаторите не успејаа да се договорат за единствен кандидат.
XS
SM
MD
LG