Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, за време на вонредната седница на Советот за безбедност посветена на ситуацијата во Појасот Газа, истакна дека Израел употребил „воздржаност“, како одговор на смртоносните судири со Палестинците, и за насилството ја обвини милитантната група на Хамас.
„Последниве денови, терористите на Хамас, поддржани од Иран, поттикнаа напади врз израелските безбедносни сили и инфраструктура“, додаде Хејли.
Taa ги отфрли тврдењата дека насилството произлегло од отворањето на американската амбасада во Ерусалим.
„Тоа не ги поткопува изгледите за мир на кој било начин, а сепак, за некои, ова е наводно причина за насилство. Но, да се потсетиме дека терористичката организација Хамас со години поттикнува насилство, долго време пред САД да одлучат да ја префрлат амбасадата“.
Специјалниот координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес Николај Младенов, рече дека нема „оправдување“ за убиствата.
„Израел има одговорност да ја прилагоди својата употреба на сила“ ако нема непосредна закана од смрт или сериозна повреда, како и да ги заштити своите граници на пропорционален начин, испитувајќи секој инцидент што довел до губење на човечки животи“, додаде тој.
Младенов воедно го повика Хамас да не „ги користи протестите како покритие за обидите за поставување бомби и креирање провокации“. „Хамас не смее да се крие меѓу демонстрантите и да ги ризикува животите на цивилите“.
Вонредната седница на ОН, уследи по вчерашниот најсмртоносен напад во израелско-палестинскиот конфликт изминативе пет години.
Претходно, бројни американски сојузници, но и ривали, изразија критика заради американската одлука да ја префрли својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, со образложение дека тоа ќе ги зголеми тензиите на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, Турција свика вонредна седница на Организацијата за исламска соработка, светски најголемото тело на држави со доминантно муслиманско население.
Facebook Forum