Линкови за пристапност

И Крис Кристи во претседателската трка


Без влакна на јазикот: Кристи во разговор со новинарите
Без влакна на јазикот: Кристи во разговор со новинарите

Гувернерот на Њу Џерси е веќе 14-от републикански кандидат за изборите за Белата куќа 2016-та

Гувернерот на сојузната држава Њу Џерси, Крис Кристи денес ќе се приклучи на веќе бројната група на кандидати од Републиканската партија за претседателските избори 2016-та.

Тој ќе ја соопшти одлуката на собир во училиштето во градот Ливингстон каде што завршил средно образование.

Кристи по првпат победи на изборите за гувернер во 2009-та, иако Њу Џерси важи за сојузна држава каде претежно доминира Демократската партија. Тој за кусо време привлече внимание на национално ниво поради директната, често бомбастична комуникација со жителите на Њу Џерси и со новинарите на собири и прес-конференции. Со огромно мнозинство повторно беше избран за гувернер во 2013-та, а сега нашироко се смета за еден од водечките републикански кандидати за претседателските избори.

Но, популарноста на Кристи започна да опаѓа по скандалот „Бриџгејт“ во 2013-та, кога тројца негови соработници наредија делумно затворање на лентите на фрекфентен мост во знак на одмазда кон градоначалник на местото Форт Ли којшто одбил да го поддржи реизборот на Кристи за гувернер. Покрај рејтингот на Кристи, штета претрпе и неговата кампања за претседателските избори, бидејќи скандалот предизвика резерви кај потенцијалните влијателни донатори.

Кристи е 14-от републикански кандидат за претседателските избори. Меѓу попознатите учесници во трката се поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, милијардерот Доналд Трамп, американските сенатори Марко Рубио, Ренд Пол и Тед Круз и гувернерот на Луизијана Боби Џиндал.

XS
SM
MD
LG