Линкови за пристапност

Руското мешање во изборите - во фокусот на разговорите Трамп-Путин


Средба меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, во Хелсинки

Американскиот претседател Доналд Трамп, разговорите со Путин ги нарече, добар старт за односите меѓу двете земји.

За време на заедничката прес-конференција, Трамп кажа дека на средбата поминал „многу време“ дискутирајќи за руското мешање во изборите во САД. Тој разговорите со својот руски колега ги нарече „конструктивни“.

„За време на денешната средба, се осврнав на прашањето за вмешаност на Русите во нашите избори. Чувствував дека ова беше порака што најдобро би се доставила лично“, изјави Трамп.

Тој кажа дека има голема доверба во американската разузнавачка заедница, но Путин бил „мошне цврст“ во порекнување дека Русија се вмешала во изборите во 2016-та.

Американските разузнавачки агенции заклучија дека Русија стои за тоа , но Путин денеска изјави: „Морав да повторам дека руската држава никогаш не се вмешала и не планира да се меша во внатрешниот изборен процес во САД“.

Трамп рече дека „нашите односи никогаш не биле полоши отколку што е сега. Сепак, тоа се смени од пред околу четири часа“, рече тој.

Путин кажа дека разговорите се одржале во искрена и деловна атмосфера и ги нарече успешни.

Американскиот претседател пред средбата кажа дека светот сака да види како САД и Русија соработуваат.

Рускиот лидер истакна дека дошло време да се разговара за билатералните врски, како и за разните кризни региони во светот, а средбата со Трамп ја нарече дел од постојаната комуникација меѓу двајцата лидери.

Претходно, Трамп на Твитер напиша дека односите на САД со Русија никогаш не биле полоши, благодарение на долгогодишното американско самозалажување и глупост, и сегашниот, лов на вештерки, осврнувајќи се на тековната истрага на специјален советник Робер Мулер за мешањето на Русија во изборите. На ова, руското Министерство за надворешни работи кажа дека „се согласува“.

Во неделата во Хелсинки се собраа неколку илјадници демонстранти за да искажат незадоволство од политиката на двајцата лидери во однос на животната средина, бегалците и воените прашања. Слични протести имаше и денеска.

Средбата Трамп-Путин се случува неколку дена откако американскиот Оддел за правда објави обвиненија против 12 руски разузнавачи за хакерски напади за време на претседателските избори во САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG