Градоначалникот на Минеаполис изјави дека градот е во „шок и болка“, но дека грабежите и палењата во знак на протест поради смртта на Афроамериканецот кој почина за време на апсење се „неприфатливи“.
Џејкоб Фреј рече дека е нанесена штета врз објекти кои се „од суштинско значење за нашата заедница“.
Тој рече дека одлучил да дозволи полициската станица да изгори доцна во четвртокот, откако добил извештаи дека демонстрантите се обидуваат да ги оштетат просториите. Полицискиот персонал бил евакуиран, а доцна во четвртокот од страна на демонстрантите бил запален заедно со неколку згради во близина.
„Тулите и малтерот не се толку важни како животот“, рече Фреј во одбрана на овој потег. „Ние ќе продолжиме да ја работиме нашата работа“.
Ниту полицијата, ниту пожарникарите не беа на местото на настанот пред или по почетокот на пожарите.
Демонстрантите се револтирани поради смртта на Џорџ Флојд во понеделникот вечерта откако бел полицаец клекна на неговиот врат за време на апсење.
Градоначалникот не бил запознат со пораките на Твитер на Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој претходно објави порака за „тоталниот недостаток на лидерство“ на Фреј и „насилниците“ кои „го обесчестуваат споменот на Џорџ Флојд“.
Откако новинарите му ја прочитаа пораката на Твитер, Фреј рече дека „Доналд Трамп не знае ништо за силата на Минеаполис“. Градоначалникот рече: „Ние сме силни како пекол“.
По смртта на Флојд, Фреј прогласи вонредна состојба во градот каде ситуацијата е тензична.
Петстотини војници на Националната гарда се активираат на барање на гувернерот на Минесота и ќе бидат распоредени во Минеаполис, Сент Пол и околните заедници, соопштија официјални лица доцна во четвртокот.
Неколку продавници во Минеаполис и Сент Пол беа запалени во четвртокот вечерта. Полицијата во Сент Пол соопшти дека полицајците биле гаѓани со камења и шишиња. Исто така, имаше и извештаи за грабежи.
Полицијата во Минеаполис соопшти дека Флојд наликувал на осомничен кој наводно се обидел да потроши фалсификувани 20 долари во продавница за храна. Полицијата соопшти дека тој се спротивставил на апсењето. Минувачите снимаа со мобилни телефони додека полицајците го приведуваа Флојд, а видеото стана вирално на Интернет.
Полицискиот оддел во Минеаполис ги отпушти сите четворица полицајци вклучени во апсењето на Флојд. ФБИ се приклучи на истрагата, а Одделот за правда соопшти дека истрагата е главен приоритет.
Полицискиот синдикат во градот побара од јавноста да биде трпелива додека не заврши истрагата.
Не е пријавено дека има сериозно повредени лица, но полицијата во Минеаполис уапсила осомничен, кој наводно пукал и убил човек за кој верува оти се обидувал да ограби продавница.
Некои жители кои живеат во близина на ограбените продавници остро ја критикуваа полицијата, но рекоа дека не можат да разберат зошто луѓето го уништуваат сопственото соседство, вклучително и местата каде што купуваат.
Смртта на Флојд привлече и меѓународно внимание.
Високата комесарка за човекови права на Обединетите Нации, Мишел Бачелет рече дека американските власти се должни да го обезбедат извршувањето на правдата и го прочита списокот на Афроамериканците кои ги загубија животите во полицискиот притвор во последните неколку години.
„Во многу случаи во минатото, ваквите истраги доведоа до тоа убиства под сомнителни околности да се сметаат за оправдани или со нив да се занимаваат само со административни мерки“, рече таа.
Додека Бачелет рече дека „широко распространетиот“ расизам во САД мора да се препознае и да се реши, таа исто така рече дека насилството и грабежите нема да го решат проблемот.
Facebook Forum