Лидерката на малцинството во Претставничкиот дом Ненси Пелоси, преку редок „филибастер“, од говорницата зборуваше повеќе од седум часа, во обид републиканците да се принудат на дебата и гласање по законот за имиграција.
Демократката од сојузната држава Калифорнија, почна со говорот кусо време по 10 часот, велејќи дека демократите ќе се спротивстават на каков било предлог-закон за финансирање на владата, освен ако претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан, не се согласи да усвои двопартиски предлог-закон за имиграција кој би се ставил на гласање.
„Филибастер“ е продолжен говор кој го попречува текот на работата, во случајот во Претставничкиот дом, додека технички не ги прекршува бараните процедури. Овојпат не се работи за класичен филибастер, затоа што не го попречува донесувањето на специфични закони.
Пелоси истакна дека нема ништо партиски или политички, кога станува збор за заштита на таканаречените „сонувачи“, недокументираните имигранти кои во САД дошле илегално како деца.
„Ако мерката за корисниците на програмата ДАКА се стави на гласање, веднаш ќе помине, и тоа со силна двопартиска поддршка“, додаде лидерката на демократите во Претставничкиот дом. Таа кажа и дека 84 отсто од Американците го поддржуваат патот кон државјанство за овие луѓе.
По рекордните 8 часа и 7 минути подоцна, или точно во 18 часот и 11 минути по локално време, Пелоси го заврши својот говор, стоејќи на високи потпетици од 10 сантиметри, не конзумирајќи ништо, освен вода.
Ненси Пелоси, од републиканското раководство во Претставничкиот дом побара да се обврзе да гласа по легислативата за заштита на овие имигранти.
Facebook Forum