Линкови за пристапност

Амбасадори на меѓусебното разбирање


Од 1996-та до денес, во Македонија работеле над 400 волонтери на Мировниот корпус на САД

Ќе ги препознаете по љубезноста со којашто ќе ве пречекаат, по насмевката со којашто ќе ви покажат со колкаво задоволство ја извршуваат хуманата работа. Ќе ги сретнете во основните и во средните училишта, на градилиштата каде што никнуваат градинки, училишта и домови. Ретко кој во Македонија не слушнал за Мировниот корпус, американска владина организација којашто веќе 18 години ја промовира американската култура во Македонија и македонската традиција во САД. Гледано од страна, мисијата не е нималку лесна- со мала претходна подготовка, тие започнуваат живот десетици илјади километри далеку од своите домови и семејства, во сосема различни јазични, културни и традиционални средини. Притоа, ги уриваат предрасудите што едните за другите постојат во двете земји.

Една ваква двегодишна авантура, на почетокот на овој месец започна за 44-ца Американци. По единаесетнеделна обука во Велес, Лозово, Свети Николе и во Доброште, каде го изучувале македонскиот и албанскиот јазик и се запознавале со традицијата на двете заединици во земјава, 25-мина веќе ја започнаа својата мисија во основни и средни училишта, каде ќе помагаат во изучувањето на англискиот јазик, а 19-мина ќе помагаат на невладини организации и организации на локалната самоуправа во рамки на програмата за развој на заедниците.

Волонтерите влегуваат во служба во Мировниот корпус како граѓани на САД, но излегуваат од неа како граѓани на светот.
Кетлин Кори, директорка на Мировниот корпус во Македонија

Таа вака ги опишува целите на организацијата преку којашто од 1996-та до денес, во Македонија престојувале и работеле над 400 волонтери: „Првата цел на волонтерите е да им се помогне на луѓето од заинтересираните земји преку размена на знаења и искуства, потоа да им се помогне на луѓето да имаат подобро разбирање за американскиот народ, и да им се помогне на Американците да стекнат подобро разбирање за лугето од различни земји“.

Американците веруваат во моќта на човековите капацитети да ги менуваат работите на подобро. Овие волонтери во Македонија доаѓаат со таква верба.
Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија

Токму тоа е суштината зошто во 1961-ва година бил формиран Мировниот корпус од претседателот Џон Кенеди - да ги промовира мирот и меѓусебното разбирање на луѓето од различни култури и со различно потекло. Волонтерите живеат заедно со локалните жители, работат со нив и им помагаат, и, за амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, тие се пример за партнерството помеѓу американскиот и македонскиот народ. А нивната улога е уште позначајна, вели тој, зашто тоа се единствените Американци коишто некои во Македонија ќе ги запознаат во својот живот.

„Американците веруваат во моќта на човековите капацитети да ги менуваат работите на подобро. Овие волонтери во Македонија доаѓаат со таква верба. Кога ќе завршат со службата во Македонија, тие ќе се вратат во Америка со желба да го споделат искуството од Македонија и да им помогнат на своите сонародници подобро да ја разберат оваа земја“, вели Волерс.

А, нивните домаќини во Македонија знаат да го ценат тоа. Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов го одликуваше Мировниот корпус со Орден за заслуги за Македонија. Тој деновиве присуствуваше на заклетвата на најновиот контингент на волонтери.

„Од сите вредности кон кои се стреми човекот, најпосакуван и воедно најтешко остварлив е мирот. Од мирот зависи економијата, развојот, планирањето на нашата иднина и иднината на нашите деца. Но, мирот не е униформен, ниту ултимативен. Мирот се гради преку дијалог, почитување и прифаќање на различноста. Сакаме да знаете дека ве поддржуваме и во добрите намери и ви честитаме за зашите дела, посветеност и личен пример во нашите заедници како основа за градење трајни лични пријателства меѓу американските граѓани и нивните македонски домаќини“, им порача Иванов на волонтерите.

Сакаме да знаете дека ве поддржуваме и во добрите намери и ви честитаме за зашите дела, посветеност и личен пример во нашите заедници како основа за градење трајни лични пријателства меѓу американските граѓани и нивните македонски домаќини.
Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија

Македонскиот модел на Обединетите нации, мултимедијални училници, нови табли во основните училишта во Чешиново и Соколарци, урбанизацијата на централниот дел на селото Чашка, населбата Хабитат во Велес, Детскиот час во Охрид – ова се само некои од проектите зад коишто се потпишуваат припадниците на Мировниот корпус во Македонија - доброволци - Американци, припадници на различни етнички групи, возрасти и религии, со различни способности и искуства. Имаат основно познавање на јазикот и не се технички експерти, не се владини службеници и немаат дипломатски статус. И причините да станат доброволци се различни - некои за да стекнат работно искуство, други да ги споделат своите вештини, трети да научат повеќе за светот и да направат позитивни промени. Но, сите имаат иста цел: искрена желба да научат повеќе за земјата - домаќин, а своето искуство да го пренесат дома.

XS
SM
MD
LG