73-годишниот Леон Панета во петок и официјално ќе стане 23-от секретар за одбрана на САД. Што го очекува на функцијата на која ќе го наследи Роберт Гејтс? За аналитичарите, најголем предизик ќе бидат буџетските скратувања на Пентагон.
САД се во војна речиси една деценија. Во операциите во Авганистан досега загинале преку 1.500 војници, a за судирот има се` поголемо противење во домашната јавност.
Иако Пентагон ќе повлече третина од војниците во Авганистан до средината на наредната година, новиот секретар за одбрана Леон Панета подвлекува дека има уште многу да се заврши.
„Прва задача ќе ми биде да обезбедам дека ќе ги добиеме конфликтите во кои сме инволвирани. Во Авганистан, мора да продолжиме да го разградување Талебан“, рече Панета на сенатскиот распит за потврдување на функцијата.
Травис Шарп, воен аналитичар во Центарот за нова американска безбедност, коментира дека повлекувањето од Авганистан ќе биде и тоа како важно прашање на дневниот ред на Панета.
“Треба да го спроведеме крајно внимателно, затоа што во спротивно би жртвувале некои од безбедносните придобивки остварени минатата година благодарение на засилувањата што ги испрати претседателот Обама“, смета Шарп.
Панета доаѓа во Пентагон од местото директор на ЦИА. Меѓу последните задачи, ја надгледуваше операцијата во Пакистан во која беше убиен Осама бин Ладен.
Гери Шмит, експерт во Инстутот Американ ентерпрајс, мисли дека најголемиот предизвик на Панета е кратењето на огромниот буџет на Пентагон. Претседателот Обама веќе нареди рез во одбраната од 400 милијарди долари во текот на наредните 12 години. Во меѓувреме, САД и натаму мака мачат со огромниот буџетски дефицит, а американската армија троши 10 милијарди долари месечно на војната во Авганистан.