Линкови за пристапност

Обама: Нападот во Флорида се чини дека е случај на „домашен тероризам“


Во нападот во ноќен клуб во Орландо загинаа најмалку 50 лица, а преку 50 се повредени; истрагата е во тек

Претседателот Барак Обама кажа дека нападот во Орландо се чини дека е случај на „домашен тероризам“, со недоволен број директни докази дека напаѓачот е дел од поголем заговор.

Обама истакна дека извршителот, идентификуван како Омар Садикуи Матин, наводно бил „инспириран“ од екстремистички информации објавени на Интернет, но дека во моментов САД немаат јасни докази дека нападот е раководен однадвор. Тој додаде дека „се чини оти во последен момент, Матин соопштил дека е поврзан со ИСИЛ, но засега не постојат докази дека примал наредби од ИСИЛ и дека нема директни докази дека е дел од поширок заговор“.

Претходно, претседателот на САД, масакрот во ноќен клуб во Орландо, најчесто посетуван од припадници на ЛГБТ заедницата, го нарече најсмртоносен напад во американската историја и дека воедно претставува напад врз САД и нивните вредности.

„Ова беше акт на тероризам и акт на омраза и како Американци, обединети сме додека жалиме, додека сме лути и решени да се одбраниме“.

Тој истакна дека овој акт бил возможен главно заради тоа што во САД е лесно да се купи оружје.

„Треба да одлучиме дали ова е вид на држава каква што посакуваме да биде. Активно да не сториме ништо околу тоа, е исто така одлука“, подвлече претседателот Обама.

Напаѓачот е американски државјанин од авганистанско потекло. Влегол во клубот во околу 2 часот наутро по локално време и отворил оган врз околу 300 луѓе. Некои успеале да избегаат од задната врата, други само лежеле на подот преправајќи дека се мртви или се обиделе да се сокријат.

„Отпрвин помислив дека е музика, а потоа го видов. Беше во непосредна близина кога пукаше. Сите легнаа на подот“, изјавија Рози Фибо и Силвија Серано, коишто биле на местото на настанот.

Водачите на муслиманските организации во САД го осудија нападот, а медиумите ги повикаа да избегнуваат сензационализам.

„Треба да почекаме додека не ги добиеме информациите, фактите од истражителите, по што ќе видиме што се случило, ќе разбереме и ќе останеме обединети во соработката да ја одржиме нашата заедница силна“, изјави имамот Мухамед Мусри, лидер на Исламското општество во Централна Флорида.

Властите соопштија дека за време на нападот во клубот, Матен се јавил на 911 - линијата за вонредни ситуации, велејќи дека е поврзан со Исламската држава и нејзиниот лидер, Абу Бакр ал-Багдади. Од истиот извор се дознава дека Матен го споменал и бомбашкиот напад во Бостон од 2013-та, во којшто загинаа. Матин беше убиен во подоцнежната престрелка со полицијата. Властите додадоа дека истрагата е во тек.

Терористичката организација Исламска држава презеде одговорност за нападот во Орландо преку нејзините медиуми. Нападот се случи додека муслиманите ширум светот го одбележуваат Рамазан.

XS
SM
MD
LG