Делегатот на Вирџинија Џон Бел, учтиво ги поздравува присутните на состанок, прашувајќи ги за нивните грижи, како поправки на локалните патишта, правата на жените и здравствена грижа со поволна цена. Неговиот фокус на државната легислатива, сепак, е справување со кризата на опијати, што ја преплавува државата.
Се` започнало кога неговиот син Џон станал зависник.
„Пред седум години тој имаше сообраќајна незгода и го повреди вратот“, објаснува Бел. По операцијата му препишаа опијати коишто требаше да ги прима 90 дена, со можност да ја обновува дозата пет пати. Со завршувањето на првата доза, тој бил зависник“.
Џош, кој живее во Тексас, ги обвинува некомпетентните здравствени работници, коишто помогнале за интензивирање на таа зависност. „Лекарите никогаш не направија рендген-снимка. Се` што направија, само ми го погледнаа вратот за секунда и ми препишаа Вајкодин“.
„Се сеќавам, кога вечерта ја земав првата таблета, чувството е исто како прв пат да сум искусил љубов“, вели Џош.
Од тој момент, зависноста се пренасочила од скапи лекови против болка, на хероин.
„Тогаш, хероинот ми спаси многу пари, беше силна дрога, се чувствував како и на почетокот од зависноста. Но, оттогаш, ситуацијата почна да се влошува“.
На 32-годишна возраст, животот почнал да му се руши. Сопругата го напуштила и ја загубил работата. „Не можев да правам ништо, бидејќи се` што ме интересираше е како да дојдам до хероин“, вели тој.
Побарал помош од клиники специјализирани за услуги на лица со хронични болки, но имал, како што вели, мошне разочарувачко искуство.
„Лекарите минуваа многу малку време со нас, како пациенти“, кажа Џош. „Никогаш не зборувавме за опоравување, за терапија. Немаше предупредување, никогаш не ми кажаа дека тоа може да води кон нешто поголемо“.
За време на целиот процес, семејството на Џош не било запознаено низ што се` минувал.
„Штом ми кажа, веднаш го посетив. Првото што го реков, е дека го сакам, и дека ќе го поддржам“, вели Бел. „Зависноста од дрога или која било зависност, вообичаено е позната како семејна болест. Сметам дека тоа е точен опис, бидејќи не страда само лицето кое е зависник, туку и целото семејство“, додаде овој татко.
Од тој аспект, Џош се чини има среќа, бидејќи многумина кои го злоупотребуваат дејството на опијатите, немаат семејство или други системи за поддршка, за да се справат со зависноста.
Од прекумерна употреба на опијати во 2016-та година, во САД починале околу 64.000 лица. Ова е водечка причина за смртност за Американците под 50-годишна возраст. Во меѓувреме, кризата со опијати се продлабочува.
Џон Бел и неговата сопруга Маргарет помош и поддршка за нивниот син, нашле во Нар-Анон (Nar-Anon), официјално позната како „Nar-Anon Family Groups“. Оваа организација е програма со 12 чекори, а нивната веб-страница е http://www.nar-anon.org/.
Овде не смее да се заборави и емотивната цена и социјалната траума, поврзана со зависноста. Семејствата честопати не сакаат да зборуваат за проблемот со други и се соочуваат со финансиски потешкотии поврзани со третманите. Ова семејство досега има потрошено илјадници долари за Џош, но Бел вели, не можат сите да го прават ова. Тој се залага за креирање на дополнителни програми за семејства со пониски примања.
Напорите во случајот на Џош, се чини се исплателе. Тој нема употребено опијати или хероин веќе девет месеци. „Се` што сакаме да постигнеме, штом најдеме простор за опоравување, да најдеме начин да им помогнеме и на другите, бидејќи сме искусиле колку болно ова може да биде и колку е убаво чувството кога нема повеќе да се живее со лага“, изјави Џош.
Facebook Forum