Линкови за пристапност

САД и Северна Кореја разговараат за можноста од средба Трам-Ким Јонг Ун


Претставници од двете држави одржуваат средби во демилитаризираната зона

Американски и севернокорејски претставници во неделата се состанале во демилитаризираната зона на разговори за можен самит меѓу претседателот Доналд Трамп и Ким Јонг Ун.

Претходно Трамп рече дека постои можност средбата на 12-ти јуни во Сингапур да се одржи според закажаното.

„Јас навистина верувам дека Северна Кореја има голем потенцијал и еден ден ќе биде економски и финансиски напредна нација. Ким Јонг Ун се согласува со мене за ова. Тоа ќе се случи“, напиша Трамп на Твитер.

Американскиот амбасадор во Филипините, и поранешен амбасадор во Јужна Кореја, Сунг Ким, ја предводи американската делегацијата на разговорите коишто се очекува да траат до вторник.

„Можеме да успееме во денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров. Тоа би било одлично за Северна Кореја, за Јужна Кореја, тоа би било одлично за Јапонија, за светот, тоа би било одлично за САД, за Кина. Многумина работат на тоа. Напредуваме мошне добро“, рече Трамп.

Не е јасно зошто тој се премисли за средбата со Ким Јонг Ун, на само еден ден откако ги откажа разговорите.

Претседателот на САД беше лут поради навредата од Пјонгјанг врз потпретседателот Мајк Пенс и заканата за употреба на нуклеарно оружје. Пенс минатата недела рече дека Северна Кореја може да заврши како Либија – држава која западна во хаос, откако се откажа од своите нуклеарни амбиции, а долгогодишен диктатор Гадафи беше убиен.

Трамп во петокот изјави дека „сите играат игри“ и ја истакна продуктивната реакција на Северна Кореја на неговото писмо до Ким за откажување на разговорите.

Севернокорејските државни медиуми известија за „непроменета волја“ на Ким за тоа дека самитот со Трамп треба да се одржи.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин во саботата се состана со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во близина на милитаризираната зона, а било разговарано за подготовките за можниот самит САД-Северна Кореја, соопштија од канцеларијата на претседателот на Јужна Кореја.

По средбата, Мун Џае Ин изразил оптимизам, и кажал дека севернокорејскиот лидер останува посветен на денуклеаризацијата.

„Она што е неизвесно за Ким, не е неговата намера за денуклеаризација, туку позицијата на САД во односите со Северна Кореја и дали САД навистина може да дадат гаранции на неговиот режим“, рече Мун.

Ким му се заблагодарил на Мун за напорите во врска со самитот, велејќи дека се надева оти ќе ги подобри односите со Вашингтон и дека „ќе биде воспоставен механизам за траен мир“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG