Северна Кореја е подготвена да разговара со САД во врска со денуклеаризацијата, изјави виш американски официјален претставник.
Ова се првите сигнали дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се` уште е подготвен да се сретне со претседателот Доналд Трамп, откако Северна Кореја минатиот месец првично го предложи самитот.
Трамп изјави дека сака да се состане со Ким пред крајот на мај. Сепак, деталите за разговорите и натаму се нејасни, вклучувајќи ја агендата и локацијата. Вомеѓувреме, американски официјални лица соопштија дека имало тајни контакти меѓу Вашингтон и Пјонгјанг.
Хари Казианис, директор за одбранбени студии во Центарот за национален интерес во Вашингтон, вели дека Северна Кореја ќе има некакви барања, само за да се одржат разговорите, но оти барањата за да се согласат за откажување од нуклеарното оружје „ќе бидат астрономно високи“.
„Тие би можеле да побараат стотици милијарди долари економска помош“, изјави Казианис за Гласот на Америка. „Можно е да побараат и повлекување на американските трупи од Корејскиот Полуостров, дури и од Јужна Кореја да побараат да се ослободи од нуклеарната технологија и нуклеарни реактори“.
Facebook Forum