Претседателот на САД Доналд Трамп, кажа дека со Северна Кореја е постигнат „можен напредок“, но предупреди дека позитивните знаци од страна на Пјонгјанг, може да водат кон „лажна надеж“.
Изјавата на Трамп уследи откако Јужна Кореја денеска соопшти дека Северот е подготвен да започне разговори со САД за откажување од нуклеарното оружје.
Трамп на Твитер напиша: „За прв пат по многу години, направен е сериозен напор од сите засегнати страни“. Тој истовремено изрази сомневање за намерите на Северна Кореја и додаде: „Светот гледа и чека. Може да биде лажна надеж, но САД се подготвени да бидат цврсти во која било насока“.
Потпретседателот Мајк Пенс имаше претпазлив одговор на најновите случувања. „Во која и да е насока да појдат разговорите со Северна Кореја, ќе бидеме цврсти во нашата определеност“, истакна Пенс, нагласувајќи дека „сите опции се на маса, а нашиот став кон режимот нема да се промени, се` додека не видиме веродостојни, проверливи и конкретни чекори кон денуклеаризација“.
Највисокиот советник за безбедност на Јужна Кореја, Чунг Еи-Јонг, изјави дека Пјонгјанг сигнализирал дека нема потреба да се задржи неговата нуклеарна програма, ако се елиминираат воените закани против државата. Тој додаде дека Северна Кореја е подготвена да разговара за денуклеаризација и нормализирање на односите со САД.
Изјавата на Сеул не е потврдена од Северна Кореја.
Демократскиот сенатор Бен Кардин, за Гласот на Америка кажа дека најавата на Сеул е „позитивен знак“ и ја повика администрацијата на Трамп „да ја искористи предноста на ситуацијата“. „Ние признаваме дека единствен разумен начин да се стави крај на оваа криза, е преку дипломатија, а започнува со тоа што Северна Кореја ќе ја замрзне својата актуелна нуклеарна програма“, рече тој.
Facebook Forum