Линкови за пристапност

Бела куќа: Не сме и` објавиле војна на Северна Кореја


Реакцијата уследи по денешната изјава на севернокорејската министер за надворешни работи

Портпаролката Сара Сандерс на денешната прес-конференција во Белата куќа, истакна дека актуелната администрација и натаму се залага за мирна денуклеаризиација на Корејскиот Полуостров. „Ова го правиме заедно со што е можно поголем економски и дипломатски притисок врз Северна Кореја“.

Во меѓувреме, портпаролот на Пентагон, армискиот полковник Роберт Менинг, изјави: „Ако Северна Кореја не ги прекине своите провокативни активности ние (армијата) ќе се погрижиме на претседателот да му овозможиме опции да се справи со Северна Кореја. Ние имаме право да летаме, пловиме и да работиме секаде ширум светот, каде што е законски дозволено“.

Во саботата, бомбардерите на американските воздухопловни сили, придружувани од борбени авиони Ф-16 од американската база во Јапонија, пролетаа во меѓународниот воздушен простор над водите источно од Северна Кореја. „САД се поставени, и подготвени сме да се бориме, ако е потребно, уште вечерва“, истакна портпаролот на Пентагон, одбивајќи да дискутира за каква било раздвиженост на трупи во регионот во светло на ескалацијата на тензиите.

Министерот за надворешни работи Ри Јонг Хо, денеска во Њујорк изјави дека доколку се соочи со закана, Пјонгјанг ќе преземе контра-акции, вклучувајќи соборување на американски воени авиони во регионот, дури и ако тие не се во воздушниот простор на Северна Кореја

Тој ова директно го поврза со најновиот коментар на претседателот на САД Доналд Трамп, од саботата. „Само што го слушнав говорот на севернокорејскиот министер за надворешни работи во ОН. Ако ги одекнува размислувањата на „човекот со ракетите“, тие нема да постојат уште долго“, напиша Трамп на Твитер.

Најновиот развој на настаните уследи по ескалацијата на реториката меѓу лидерите на САД и Северна Кореја на маргините на Генералното собрание на ОН.

Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Џим Матис, кој отпатува во Њу Делхи на разговори со индиски претставници, рече дека „ако Северна Кореја ја реализира заканата за тест на водородна бомба, тоа ќе претставува шокантна неодговорност кон глобалното здравје, кон стабилноста, кон неширењето на нуклеарното оружје“.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи во саботата кажа дека неговата земја би можела да спроведе атмосферски тест на водородна бомба над Тихиот Океан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG