Законодавците од обата дома на Конгресот и од обете партии, беа брифирани зад затворени врати од страна на администрацијата на Трамп за Северна Кореја. Тие имаа можност да поставуваат прашања до тимот за национална безбедност и да се информираат за „бројните опции за отстранување на заканата“ од оваа држава.
Воедно, сите 100 американски сенатори исто така беа на брифинг за актуелната и идната стратегија на администрацијата околу севернокорејското прашање. Средбата ја водеа секретарот за одбрана Џим Матис, државниот секретар Рекс Тилерсон, директорот за национално разузнавање Ден Коатс и началникот на здружениот генералштаб, Џозеф Данфорд.
На брифингот, на кратко време, беше и претседателот Трамп, нарекувајќи го „мошне важен“ настан.
Лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел, изјави дека непредвидливоста на Северна Кореја, го поттикнала да побара од претседателот да го брифира полниот состав на Сенатот.
Претседавачот со Сенатската комисија за вооружени служби, Џон Мекејн даде слична изјава, опишувајќи ја нуклеарно способната Северна Кореја, како закана од историски размери. Мекејн за српската редакција на Гласот на Америка изјави дека режимот на Ким Јонг Ун е многу понестабилен за разлика од неговиот татко или дедо, така што воените опции мора да останат на маса. Тој ја подвлече можноста Кина да го спречи и контролира Северот.
Републиканскиот конгресмен Ед Ројс, претседавач со Комисијата за надворешни односи при Претставничкиот дом, додаде дека неговата комисија наредниве неколку недели ќе дебатира за Северна Кореја, вклучувајќи ги и опциите за економски санкции против оваа држава.
„Доколку постои дипломатски пат, минува преку Кина“, истакна конгресменот Адам Шиф, влијателен демократ во Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, денеска изјави дека Кина сака да соработува со сите релевантни страни, вклучувајќи ги и САД, со цел да се изнуди мирно решение. Тој додаде дека Кина постојано ги имплементира санкциите на Советот за безбедност на ОН воведени против Северна Кореја, и дека тоа го прави заради меѓународни обврски, а не како притисок од друга држава.
Конгресменот Шиф додаде дека брифингот во Белата куќа бил темелен, но побара внимателен пристап од администрацијата во преземање на идните чекори.
Facebook Forum