Линкови за пристапност

САД разгледуваат воен одговор кон Пјонгјанг


Првиот човек на Пентагон вели дека САД можат целосно да ја уништат Северна Кореја, иако не сакаат таков чекор

Како одговор на најновата провокација од Пјонгјанг, јужнокорејската војска во воена вежба истрела неколку ракети кон Јапонското Море, чија цел беше симулиран напад врз севернокорејска локација каде се извршуваат нуклеарни тестови.

Вежбата дојде во време кога Советот за безбедност на ОН се подготвува да одржи итен состанок по шестиот по ред севернокорејски тест на нуклеарно оружје.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, повторувајќи ги предупредувањата на претседателот Доналд Трамп, рече дека Северна Кореја може да очекува „масивен воен одговор“ ако се заканува на САД, на американската територија Гуам или на сојузниците на Америка.

Претставници на Белата куќа соопштија дека Трамп, во разговор со јапонскиот премиер Шинзо Абе го истакнал опсегот мерки што се достапни на САД, вклучувајќи и нуклеарно оружје: „Претседателот Трамп ја потврди посветеноста на САД да ја бранат нашата земја, териториите и сојузниците, користејќи го целиот спектар на дипломатски, конвенционални и нуклеарни способности кои се на располагање“.

Матис, Трамп и главните советници на претседателот, вчера се состанаа во Белата куќа, откако Северна Кореја објави дека тестирала хидрогенска бомба. Првиот човек на Пентагон потоа изјави дека САД не бараат „целосно уништување“ на Северна Кореја, иако „имаме многу опции да го сториме тоа“, додаде тој.

Провокативните балистички ракетни тестови на Северна Кореја и најновиот тест (прво успешно активирање на хидрогенска бомба на Пјонгјанг), ја стави администрацијата на Трамп во критична геополитичка криза.

„Секретарот Матис во својата изјава ја искажа единствената остварлива опција - цврста и јасна политика на спречување на Северна Кореја“, вели Мајкл Ослин, соработник од Институтот Хувер.

Сепак, Ослин за Гласот на Америка рече дека целта за денуклеаризација на Северна Кореја, која Матис ја повтори во неделата, е неостварлива.

Други аналитичари и официјални претставници кои реагира на острата забелешка од шефот на Пентагон, се надеваат на дипломатски разговори, наместо остра воена реторика.

Непрецизноста на Матис беше контрапродуктивна. Дали ќе има голем воен одговор против секоја „закана“? Изборот на зборови беше погрешен и на линија на ветувањата за „оган и бес“ против секоја закана од Северна Кореја“, вели Франк Аум, научен соработник во Институтот САД - Кореја.

Претседателот во неделата на новинарско прашење дали планира да нареди напад врз Северна Кореја, само кусо рече: „Ќе видиме“.

На Твитер, тој додаде дека размислува да ја прекине трговијата со која било земја што соработува со Северна Кореја, поставувајќи го прашањето што може тоа да значи за трговските врски на САД и Кина, вредни 650 милијарди долари на годишно ниво.

Секој американски повик за економски бојкот на земјите кои соработуваа со Северна Кореја ќе се однесува на Кина, бидејќи Пекинг е најголем сојузник и трговски партнер на Северна Кореја.

Секретарот за финансии Стив Мнучин, рече дека ќе подготви за разгледување нов пакет економски санкции кон Северна Кореја.

Претседателот Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе во неделата разговараа по телефон - нивни четврт разговор од вторникот, наваму, откако Северна Кореја истрела балистички проектил над Јапонија.

„Двајцата лидери ги осудија континуираните дестабилизирачки и провокативни акции на Северна Кореја, ги потврдија обврските на двете земји за заемна одбрана и ветија продолжување на тесната соработка“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG