Американскиот државен секретар Мајк Помпео го заврши првиот дел од дводневните разговори во Северна Кореја, за ставање крај на нуклеарната програма на Пјонгјанг.
Овие разговори доаѓаат по изјавите на Американската разузнавачка заедница, која се сомнева дека лидерот Ким Јонг Ун продолжува да гради инфраструктура за развој на неговата нуклеарна програма. Разговорите продолжуваат утре.
Помпео денес се сретна со високиот претставник на владејачката партија и поранешен разузнавач Ким Јонг Чол.
Ова е трета посета на Помпео на Северна Кореја годинава, и прва кога ќе остане таму два дена.
Согласно Договорот од Сингапур, Ким Јонг Ун се согласи за комплетна денуклеаризација на Корејскиот полуостров, но, немаше детали како и кога тоа може да се случи.
Помпео се надева да изврши притисок врз Северна Кореја да работи во насока на ставање крај на нуклеарната програма, како и да утврдат како да се направи верификација на тоа.
Но, медиумите во САД изминативе денови покажаа фотографии од експанзија на објекти во Северна Кореја, поврзани со нуклерано оружје.
Но, и покрај скептицизмот на одредени американски законодавци, Трамп продолжува да ги истакнува резултатите од Самитот.
Ден по неговото завршување, Трамп рече дека „секој може да се чувствува посигурен од времето пред тој да ја преземе функцијата. Повеќе не постои нуклеарна закана од Северна Кореја“.
Тој неделава, на неговиот Твитер профил, напиша дека администрацијата имала многу добри разговори со Севернокорејанците за планот за денуклеаризација, и оти цела Азија е воодушевена.
Советникот за национална безбедност Џон Болтон неодамна изјави дека Северна Кореја би можела да ја уништи нуклеарната програма за една година, додека други американски официјални лица се надеваат оти тоа може да се случи до 2021-та година, кога завршува првиот мандат на Трамп во Белата куќа.
Facebook Forum