Линкови за пристапност

Трамп: Го почитуваме фактот што тројцата Американци беа ослободени пред состанокот


Ослободените ги кренаа рацете во знак на победа, веднаш штом излегоа од авионот

Претседателот Доналд Трамп лично ги пречека и им посака добредојде на тројцата Американци ослободени од Северна Кореја, велејќи дека се отвора ново поглавје со Пјонгјанг.

Трамп, ги поздрави раноутрово, заедно со потпретседателот Мајк Пенс и нивните сопруги, кога пристигнаа во воздухопловната база Ендруз, во близина на Вашингтон.

Ослободените американски граѓани ги кренаа рацете во знак на победа, веднаш штом излегоа од авионот.

Трамп рече дека нивното ослободување во овој момент дошло неочекувано.

„Многу го почитуваме фактот што тој дозволи да бидат ослободени пред состанокот. Беше речиси јасно дека овие три прекрасни луѓе ќе беа тема на состанокот, и ќе ги вратевме дома веднаш потоа, но, многу е добро што тој тоа го направи пред состанокот“, рече Трамп.

Американците, со корејско потекло, беа ослободени откако државниот секретар Мајк Помпео беше во посета на Северна Кореја, вторпат месецов, за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Тони Ким и Ким Хек предавале на Универзитетот за наука и технологија во Појонгјанг, кога одделно биле затворени во 2017-та година, обвинети за учество во антивладини активности.

Ким Донг Тал, пак, беше затворен во октомври 2015-та година и осуден на десет години затвор, поради обвинение за шпионажа.

„Бевме третирани на различни начини. Јас морав многу да работам, но, кога ќе се разболев, добивав третман“, рече Тал.

Тројцата беа однесени во воената амбуланта да се сретнат со семејствата, по што треба да поминат одредени прегледи.

Пред да замине, Трамп ги пофали напорите на Помпео, и најави дека локацијата за средбата ќе биде објавена во рок од три дена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG