Линкови за пристапност

Северна Кореја тврди дека САД и` објавиле војна


Министерот за надворешни работи Ри Јонг Хо, денеска во Њујорк изјави дека доколку се соочи со закана, Пјонгјанг ќе преземе контра-акции, вклучувајќи соборување на американски воени авиони во регионот, дури и ако тие не се во воздушниот простор на Северна Кореја

Севернокорејскиот министер за надворешни работи ова директно го поврза со најновиот коментар на претседателот на САД Доналд Трамп, од саботата.

„Само што го слушнав говорот на севернокорејскиот министер за надворешни работи во ОН. Ако ги одекнува размислувањата на „човекот со ракетите“, нивниот режим нема да постои уште долго“, напиша Трамп на Твитер.

Најновиот развој на настаните уследи по ескалацијата на реториката меѓу лидерите на САД и Северна Кореја на маргините на Генералното собрание на ОН.

Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Џим Матис, кој отпатува во Њу Делхи на разговори со индиски претставници, рече дека „ако Северна Кореја ја реализира заканата за тест на водородна бомба, тоа ќе претставува шокантна неодговорност кон глобалното здравје, кон стабилноста, кон неширењето на нуклеарното оружје“.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи во саботата кажа дека неговата земја би можела да спроведе атмосферски тест на водородна бомба над Тихиот Океан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG