Јужнокорејците се оптимисти дека претседателот на САД Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун ќе постигнат договор да се стави крај на севернокорејската нуклеарна програма.
Многумина во Сеул се надеваат дека средбата во Сингапур ќе ги подобри перспективите за траен мир во регионот, дури и ако не се постигне договор за целосна денуклеаризација.
„Сакаме мир. Посакувам дека средбата ќе помине добро за да дојде мир на Корејскиот полуостров“, вели граѓанин на Сеул.
Пред средбата во Сингапур, во Сеул се организираа демонстрации, повикувајќи ги двајцата лидери да постигнат договор и да стават крај на нуклеарниот ќор-сокак.
Конзеравтивни групи, исто така, протестираа да ги повикаат САД да не прават компромис со репресивната Влада на Ким Јонг Ун, која ги прекршила поранешните ветувања за денуклеаризација.
Но, анкетите покажуваат силна поддршка за напорите на јужнокорејскиот претседател во убедување на Ким Јонг Ун да се согласи да разговара за денуклеаризација.
„Имав негативно мислење за него, но, откако го видов на телевизија на претходната средба, ми се подобри впечатокот“, вели граѓанин на Сеул.
Рејтингот на Трамп во Јужна Кореја се подобри особено пред денешната средба.
Сепак, многумина граѓани веруваат дека Трамп и Ким Јонг Ун нема да успеат да ги надминат разликите, ако се земе предвид настојувањето на Вашингтон за целосна денуклеаризација, пред какво било олеснување на санкциите.
Трамп претходно изјави дека ќе се повлече од разговорите, доколку Ким Јонг Ун не се обврзе да стави крај на нуклеарната програма.
Меѓу граѓаните во Сеул, постои страв дека САД повторно може да ги откажат преговорите со Северна Кореја.
Facebook Forum