Американската администрација официјално ја обвини Северна Кореја за спроведување на кибернетскиот напад, кој на почетокот на годинава погоди стотици илјади компјутери ширум светот.
„Нападот беше распространет и чинеше милијарди долари“, напиша во колумна во „Вол стрит џурнал“, советникот за домашна безбедност Том Босерт.
Пјонгјанг веќе подолго време се сомничи за дистрибуција на вирусот наречен WannaCry, кој во мај ги заклучи компјутерите на корисниците во најмалку 150 земји, и оневозможи пристап до датотеки и други важни функции.
Меѓу погодените организации беше американската компанија „Федекс“, шпанската телекомуникациска компанија „Телефоника“ и Британската национална здравствена служба, која ги принуди болниците да ги откажат закажаните хируршки операции, како и да ги пренасочат пациентите во други објекти.
Програмата бараше откуп за да го отклучи пристапот до датотеките на компјутерите.
Нападот WannaCry беше стопиран од британски хакер, кој откри „прекинувач“ во кодот и го онеспособи вирусот.
Facebook Forum