Линкови за пристапност

Индиjанско племе планира мултимилионски казина во американската држава Вирџинија


Индиjанското племе Памунки во бизнисот со коцкање гледа шанса да обезбеди финансиска независност, сопствена здравствена заштита, домување, образование и работни места за племенските членови

Индиjанското племе Памунки се надева дека ќе биде првото што ќе воведе коцкање со високи удели во државата Вирџинија, каде што тоа беше нелегално повеќе од еден век.

Со поддршка од инвеститор милијардер, племето се стекнало со три соседни парцели земјиште во главниот град Ричмонд и една во пристанишниот град Норфолк, каде што сакаат да вложат повеќе милиони долари во нови одморалишта.

Кога работната сила ќе биде обучена и казиното ќе работи, ќе ја искористиме земјата за да изградиме маркет или здравствена клиника, две од работите што се очајно потребни во таа област на градот.
Џеј Смит, портпарол на Памунки


Меѓутоа, тие не се единствени што сакаат да влезат во бизнисот со казина во Вирџинија и патем да ги убедат гласачите во Вирџинија дека нивниот план е најдобар за луѓето и државата.

Законодавството за регулирање на игрите на среќа им овозможува на федерално признатите племиња да организираат коцкање на земјиште кое го презела сојузната власт, но само ако тоа земјиште се наоѓа во држави кои го имаат легализирано видот на коцкање кој се нуди.

Индиjанското племе Памунки неодамна го претстави проектот за казино ресорт во Ричмонд, вреден 350 милиони долари, и казино ресорт на крајбрежјето на Норфолк, вреден 700 милиони долари, на што Норфолк веќе се согласи.

„Клучот тука е „одморалиштето“, рече шефот на Памунки, Роберт Греј. „Ние сакаме да се здружиме со државниот туризам во Вирџинија, да привлечеме надворешни посетители и да го зголемиме туризмот во овие области“.

Во законот се вели дека приходите од казино треба да се користат за да се обезбеди општа благосостојба на племето и да се помогне во финансирање на нивните операции во соседните градовите или држави.

„Ние сакаме конечно да имаме финансиска независност, да обезбедиме сопствена здравствена заштита, домување, образование и работни места за нашите племенски членови“, рече Греј, „и исто така да ѝ помогнеме на заедницата“.

Племето планира да изгради центар за обука на работна сила за потребите на казиното на една од парцелите во Ричмонд.

„Кога работната сила ќе биде обучена и казиното ќе работи, ќе ја искористиме земјата за да изградиме маркет или здравствена клиника, две од работите што се очајно потребни во таа област на градот“, рече портпаролот на Памунки, Џеј Смит.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG