Линкови за пристапност

Трамп ја претстави стратегијата за национална безбедност


„Америка прво“ е во фокусот на новиот документ кој се потпира на четири клучни стожери - заштита на татковината, промовирање на американскиот напредок, зачувување на мирот преку поседување моќ и унапредување на американското влијание

Претседателот на САД Доналд Трамп, го претстави документ денеска, речиси 11 месеци откако неговата администрација почна да работи на него.

Новата стратегија за национална безбедност за САД ќе значи „јасен и практичен план“, за спротивставување на најопасните и постојани закани, објавија виши официјални претставници на администрацијата.

Тие додадоа дека за разлика од неодамнешните стратегии, овој план нуди „јасно гледиште“ за опасностите и предизвиците со кои се соочува земјата, додека приоритетите на американските интереси се во согласност со повиците на претседателот да се стави „Америка на прво место“.

Претседателот истакна дека постојат три групи на предизвици за оваа стратегија.

Во првата група се земјите како Русија и Кина, коишто се обидуваат да креираат нов глобален поредок и воено, и економски, којшто како што велат официјални лица, ќе им наштетат на американските интереси.

Втората група предизвици се таканаречените непринципиелни режими, како Северна Кореја и Иран, кои се обидуваат да дојдат до оружје за масовно уништување, истовремено поддржувајќи тероризам и други дестабилизирачки активоности.

Во третата група предизвици, истакна Трамп, се вклучени транснационалните терористички организации и криминалните групи.

„Новиот план ќе послужи како основа за последователните стратегии“, истакна виш владин претставник, алудирајќи дека наскоро да бидат обелоденети документи за одбрана и контратероризам.

Официјалните лица рекоа дека и покрај загриженоста, новата мерка нема намера да ги отфрли стратегиите на поранешните претседатели Барак Обама или Џорџ В. Буш.

Наместо тоа, велат тие, документот е откривање на стратегијата за која претседателот Трамп се залагал, како за време на кампањата, така и откако ја презеде функцијата.

„Живееме во глобална конкуренција и како ќе ги унапредуваме нашите цели е покритично од кога било порано“, изјави виш владин претставник. „Мора да се натпреваруваме“.

Претседателот во своето обраќање кажа дека фокусот на САД ќе се стави на четири витални национални интереси: заштита на татковината, промовирање на американскиот напредок, зачувување на мирот преку поседување моќ и унапредување на американското влијание.

Новата стратегија за национална безбедност веќе наиде на одобрување кај клучни претставници, вклучувајќи го секретарот за одбрана Џим Матис, државниот секретар Рекс Тилерсон, секретарот за финансии Стив Мнучин, како и директорот за национално разузнавање Ден Коатц и директорот на ЦИА, Мајк Помпео.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG