Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, вели дека САД ја губат конкурентната воена предност во однос на Кина и Русија, истакнувајќи го главниот предизвик за американските вооружени сили.
„Конкуренцијата на големите сили, а не тероризмот, сега е примарен фокус на американската национална безбедност“, истакна Матис, претставувајќи го некласифицираниот дел од Националната стратегија за одбрана на актуелната администрација.
Првиот човек на Пентагон додаде дека целта е да се зголеми моќта, додека се шири конкурентната предност и се дава приоритет на нејзината подготвеност за воени услови.
„Нашата војска е сé уште силна, но сепак, нашата конкурентска предност е еродирана во секој домен на војување - воздух, копно, море и кибернетски простор, и продолжува да еродира“, рече американскиот секретар за одбрана.
Во некласифицираниот документ, се обвинува Кина за „алчна економија за заплашување на соседите“, додека гради и милитаризира вештачки острови во Јужното Кинеско Море.
Документот тврди дека Русија ги крши соседните граници и се обидува да го разниша НАТО, „за да ги заврти европските и блискоисточни безбедносни и економски структури, во своја корист“.
Матис притоа ги издвои „непријателските режими“, како Северна Кореја и Иран, за продолжување на „акциите што ја загрозуваат регионалната, па дури и глобалната стабилност“, додека „го угнетуваат сопствениот народ“.
Тероризмот, кој се сметаше за главен воен приоритет за претходните две администрации, и натаму претставува загриженост за САД, и покрај падот на физичкиот калифат на Исламската држава во Ирак и Сирија. Директоратот за национална безбедност им наложува на САД, да продолжат да ги отфрлаат терористичките засолништа ширум светот, додека ја модернизираат американската војска на начин кој е „погоден за нашето време“.
Документот упатува на тоа дека напорите за модернизација ќе се фокусираат на нуклеарните сили, ракетната одбрана, вселенскиот и кибернетски простор.
Матис воедно додаде дека Одделот за одбрана ќе се фокусира и на соработката со сојузниците кои на себе „го носат својот правичен дел“ на безбедносниот товар, градејќи нови партнерства низ целиот свет.
Facebook Forum