Линкови за пристапност

Јужна Кореја се залага за координација меѓу Сеул, Вашингтон и Пјонгјанг


Целта е да осигура дека средбата меѓу Трамп и Ким Јонг Ун ќе се одржи успешно

Јужна Кореја настојува да се одржи планираната средба меѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп, откако Пјонгјанг се закани дека може да се откаже од состанокот, по барањата на САД за нуклеарно разоружување.

Советот за национална безбедност на Јужна Кореја денес изјави дека се залага за блиска координација на позициите на државите, преку различни канали меѓу Сеул, Вашингтон и Пјонгјанг, со цел да осигура дека средбата ќе се одржи успешно, во дух на меѓусебна почит.

Кристофер Хил, поранешниот амбасадор во Јужна Кореја и главен преговарач на САД во преговорите во 2005-та година, изјави дека Пјонгјанг не сака да биде претставен како очаен да разговара со САД.

„Прво, Севернокорејците беа воодушевени од планираната средба со американскиот претседател. Ова е нешто што татко му на Ким Јонг Ун никогаш не успеа да го постигне. Нешто што и неговиот дедо не успеа да го постигне. Проблемот сега е дека САД мислат оти Северна Кореја на некој начин е очајна. Милам дека Севернокорејците сакаат да покажат дека тоа не е вистина“, рече Хил.

Севернокорејскиот заменик-министер за надворешни работи изјави дека Пјонгјанг ќе размисли повторно дали да се одржи средбата со САД, ако Вашингтон се обиде да ги принуди на еднострано напуштање на арсеналот со нуклеарно оружје.

Трамп вчера рече дека допрва ќе се види дали неговиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ќе се одржи следниот месец.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG