Линкови за пристапност

САД и Мексико ќе разговараат за трговијата со овошје и зеленчук


САД и Мексико планираат да одржат разговори во рок од 90 дена за да разговараат околу загриженоста на САД дека увозот на мексиканско овошје и зеленчук може да им наштети на земјоделците во САД.

Кабинетот на американскиот трговски претставник Роберт Лајтхајзер во вторникот објави дека Соединетите држави сакаат конкретно да го разгледаат увозот на јагоди, пиперки и други сезонски расипливи производи и дека увидот би можел да доведе до воведување на тарифи.

„Претседателот Трамп ги препознава предизвиците со кои се соочуваат американските земјоделци и е посветен на промовирање и обезбедување фер трговија и еднакви услови за сите американски производители“, рече Лајтхајзер.

Министерството за економија на Мексико изрази подготвеност за учество во разговорите и соопшти дека сака „да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањата кои што предизвикаа загриженост за земјоделската индустрија во двете држави“.

Мексико исто така соопшти дека ќе се обиде да го „брани преференцијалниот пристап на извозот на мексикански земјоделски производи во САД“.

Двете земји, заедно со Канада, започнаа нов трговски договор наречен Договор САД-Мексико-Канада пред два месеци, заменувајќи го Северноамериканскиот договор за слободна трговија кој ја регулираше трговијата во регионот 26 години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG