Мексиканскиот претседателот Енрике Пена Нието ја откажа посетата на САД, што требаше да се оствари наредниот вторник. Со ова се чини дека се продлабочува јазот меѓу двете земји по најавата на претседателот Доналд Трамп дека ќе изгради ѕид долж границата со Мексико.
Нието, одлуката дека нема да се сретне со Трамп во Белата куќа, ја објави преку Твитер.
За време на денешниот говор во Филаделфија, претседателот Трамп истакан дека, „со претседателот на Мексико ја откажавме посетата наредната недела. Доколку Мексико не сака да ги третира САД со почит, тогаш таквата средба не би имала никаков плод“, кажа тој.
Претходно, американскиот претседател предложи дека посетата би било подобро да се откаже, доколку неговиот мексикански колега и натаму одбива да ги плати трошоците за изградба на ѕидот.
Контроверзата околу ѕидот е актуелна уште од јуни, 2015-та година, кога Трамп обелодени дека ќе се кандидира за претседател.
Трамп и Нието се сретнаа во Мексико сити во август, минатата година на разговори за имиграцијата, ѕидот и други прашања. Трамп подоцна изјави дека не станало збор за тоа кој ќе плати за предложениот пограничен ѕид. Сепак, Нието подоцна преку порака на Твитер кажа дека ја започнал дискусијата со Трамп велејќи дека Мексико нема да ги подмири трошоците за изградба.