Линкови за пристапност

Повеќе од 200 градоначалници во САД бараат Сенатот да одобри легислатива за контрола на оружјето


Досега оваа година има преку 250 масовни убиства, велат градоначалниците во писмото до законодавците

Повеќе од 200 американски градоначалници побараа Сенатот да се врати од одмор за да одобри легислатива за контрола на оружјето, по двете масовни пукања во Тексас и Охајо минатиот викенд, при кои беа убиени 31 лице.

Американската конференција за градоначалници, која претставува 214 градови со републикански и демократски лидери, им рече на лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел, како и на демократскиот лидер Чак Шумер, дека е итно Сенатот да ги одобри мерките, кои веќе од февруари се поминати во Претставничкиот дом.

Легислативата опфаќа проверка на лицата што купуваат оружје, како и продолжување на периодот на чекање за трансакција на оружјето од три на десет дена.

Шумер, исто така, повика на сенатско одобрување на легислативата, но, Меконел го блокираше гласањето, бидејќи се спротивставува на овие мерки.

„Во 2019 година досега има преку 250 масовни убиства“, велат градоначалниците во писмото до законодавците.

Претседателот на САД Доналд Трамп, при вчерашната посета на Дејтон и Ел Пасо, рече дека постои голема желба за проверка на лицата кои купуваат оружје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG