Линкови за пристапност

Обвинение за поранешниот менаџер на кампањата на Трамп


Тужбите за Манафорт и неговиот соработник Гејтс се дел од истрагата за руското мешање во изборите во САД

Пол Манафорт, кој минатата година кратко време беше менаџер на кампањата на претседателот Доналд Трамп, денес беше обвинет за заговор против САД, перење пари и лажење на владата, како дел од напорите за лобирање во корист на поранешниот украински претседател, Виктор Јанукович.

Манафорт и неговиот поранешен соработник, Рик Гејтс, беа обвинети од федерална порота во Вашингтон, како дел од специјалната кривична истрага на Роберт Мулер за вмешаноста на Русија во минатогодишните претседателски избори. Ова се првите обвиненија што Мулер ги објави по петмесечна истрага, иако наводите не се директно поврзани со изборите.

Покрај тоа, Мулер објави дека поранешниот советник за надворешни работи на Трамп, Џорџ Пападопулос на 5-ти октомври се изјаснил за виновен дека во јануари ги лажел федералните агенти за неговите контакти со лица „за кои знаел дека имаат блиски врски со виши претставници на руската влада“.

Трамп не го коментираше случајот на Пападопулос, но во март 2016-та година го опиша како „консултант за енергетика, одличен човек“.

Претседателот, сепак, го отфрли обвинението против Манафорт како ирелевантно за претседателската кампања и повтори дека фокусот на истрагата треба да биде на поранешната државна секретарка на САД и негова противкандидатка, Хилари Клинтон.

И Манафорт и Гејтс се појавиле пред Федералното истражно биро (ФБИ) во Вашингтон, а подоцна се очекува да се појават во федерален суд.

Истрагата на Мулер за Манафорт, Гејтс и Пападопулос е остар пресврт во истрагата за руската вмешаност во изборите, кое фрли сенка на првата година од претседателствувањето на Трамп.

Трамп во неколку наврати кривичните и конгресните истраги за врските на неговата кампања со руските интереси ги нарече „лов на вештерки“ кое демократите го користат за да ја објаснат поразот на Клинтон. Но, Мулер кој е поранешен директор на ФБИ многумина во Вашингтон го сметаат за аполитичен.

Во обвинението се тврди дека Манафорт, кој беше менаџер на кампањата на Трамп од јуни до август минатата година се збогатил со лобирање за Јанукович, кој беше принуден да се откаже од власта во 2014-та година и да избега во Русија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG