Линкови за пристапност

Трамп сака побрзи поштенски услуги


Преставничкиот дом планира гласање на седница во сабота, но не е јасно дали Трамп би одобрил зголемено финансирање на поштенските услуги

Претседателот Доналд Трамп изјави дека сака да ja „забрза“ испораката преку американската пошта дури и додека опозициските демократи планираат да гласаат оваа недела за да ги спречат промените во Поштенската служба за кои тврдат дека би го запреле процесирањето на очекуваното зголемување на испратени гласачки ливчиња на претседателските избори во ноември.

„Ги охрабрив сите да ја забрзаат поштата, а не да ја забават“, рече Трамп пред новинарите пред Белата куќа, непосредно пред заминувањето на настап како дел од кампањата во среднозападните држави Минесота и Висконсин.

Трамп минатата недела рече дека се спротивставува на ново финансирање во износ од 28 милијарди долари за поштенската агенција, дел од тоа да се плати за собирањето и обработката на очекуваниот наплив од милиони испратени гласачки ливчиња од гласачите кои се плашат да одат на гласачките места за време на пандемијата на коронавирусот. Со месеци Трамп тврди без докази дека испраќањето на гласачки ливчиња до гласачите ќе доведе до изборна измама и лажирано гласање против него.

Тој го бранеше еден од неговите именувани и главен донатор на републиканската кампања, директорот на поштата Луис Деџој, за преземање на значителни чекори за намалување на трошоците во Поштенската служба и подобрување на услугите.

Спикерката на Претставничкиот дом, Нанси Пелоси, во неделата ги повика од летен одмор законодавците под контрола на демократите за да гласаат за финансирање на поштенската служба и да ги вратат на старо промените востановени од Деџој.

Деџој се согласи да сведочи следниот понеделник пред Комисијата за надзор на домот за работењето на поштенската служба и промените што ги направи тој.

Пелоси го обвини Трамп дека спроведува кампања за саботирање на изборите манипулирајќи со Поштенската служба.

Домот планира гласање на седница во сабота, но не е јасно дали Трамп би одобрил зголемено финансирање на поштенските услуги.

Трамп тврди дека гласањето иницирано од демократите е обид да се изврши притисок врз неговата администрација да обезбеди поголема помош поради коронавирусот. Белата куќа и опозициските демократи не можеа да се договорат за проширување на помошта за милиони невработени работници и друга финансиска помош за американските семејства и бизниси погодени од пандемијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG