САД го поздравија напредокот на Северна Македонија и Албанија во однос на клучните реформи, и продолжуваат да го поддржуваат отворањето на пристапните преговори на двете држави со Европската Унија во јуни, соопшти портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
„САД се посветени да ги поддржат државите од Западниот Балкан на нивниот пат кон европска интеграција и членство во клучните европски и евроатлантски институции. Работиме со државите од Западниот Балкан и нашите европски партнери да се подобри управувањето, владеење на правото и реформите за борба против корупцијата, како и промоција на независни медиуми и силно граѓанско општество“, изјави Прајс.
Во изјавата се вели дека „САД се посветени да им помагаат на државите од Западниот Балкан да го продлабочат нивното регионално економско партнерство, да ги исполнат нивните климатски цели, да се справат со рускиот енергетски притисок преку разновидност и развој на чиста енергија, и да се борат против корупцијата и организираниот криминал“.
Прајс рече дека САД, исто така, сакаат да му помогнат на регионот да се развива и напредува, заштитувајќи ги стратешката инфраструктура и индустрии од кинеските малигни практики.
„Дополнително на нашите цврсти економски врски со регионот, САД го ценат партнерството во делот на одбраната и безбедноста, вклучително и со нашите нови НАТО сојузници, Црна Гора и Северна Македонија. Имаме намера уште повеќе да ја зголемиме таа соработка, преку заеднички вежби, операции и набавки“, се вели во изјавата на Прајс, во која се додава:
„Како што видовме, неодамнешните неосновани шпекулации за промена на границите на Балканот во етнички рамки, ризикуваат поттикнување нестабилност во регионот и враќање на сеќавања за минати тензии. Стабилна, просперитетна иднина на Западниот Балкан мора да биде базирана на добро управување, владеење на право, мултиетничка демократија, и почитување на човековите права и фундаментални слободи“.
Facebook Forum