Линкови за пристапност

Македонија очекува ист однос од САД по изборите


Изборите во САД и Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

Експерти и граѓани за Гласот на Америка велат дека политиката кон Македонија нема да се промени, независно кој ќе победи

Иако се` уште не се познати резултатите од изборите во САД, Македонците сметаат дека политиката кон Македонија ќе остане иста, без разлика кој ќе биде новиот американски претседател - Доналд Трамп или Хилари Клинтон.

Но, кога станува збор за проблемот со името, државата ќе биде изложена на притисок за решавање на ова прашање, вели за Гласот на Америка, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

„Кој и да биде претседател на Америка, тоа прашање ќе биде дел од билатералнте односи, иако не знам со каков интензитет. Доколку на изборите победи Клинтон очекуваме дека САД ќе ја задржат конвенционалноста во својата надворешна политика и кон овој регион. Не треба да имаме преголеми очекувања дека ќе се зголеми вниманието кон помалите држави. Напротив, ќе се засили посветеноста кон глобалните кризни жаришта. Доколку довербата на граѓаните ја освои Трамп, не би можеле да имаме лесни предвидувања, бидејќи се работи за неконвенционален политичар, чии потези во надворешната политика се непредвидливи “, вели Милошоски.

Тој додава дека е особено важно Македонија и САД да се придржуваат кон документот за стратетшко партнерство, потпишан во мај 2008-та година.

Универзитетскиот професор Јове Кекеноски вели дека односот на САД кон Македонија ќе остане ист како и досега, но, очекува зголемен притисок за решавање на спорот со името, доколку победи Клинтон.

„Во таков случај можеме да очекуваме и топло-ладна политика во делот на соседското опкружување, бидејќи демократите секогаш биле насочени кон Грците. Трамп е порадикален во неговите настапи и покажува поголема самостојност.Тој во однос на Македонија би покажал малку поголема цврстина и храброст, и би бил пообјективен во однос на проблемот кој го имаме, сметајќи дека не треба да го менуваме нашето име, туку да се најде начин како државата да стане членка на НАТО“, вели Кекеноски.

Адвокатот Владо Чингоски вели:

„Ние очекуваме Америка повторно да останат доследни во водењето на политиката кон Македонија, и да бидат наши поддржувачи во ЕУ и во НАТО интеграциите“, изјави Чингоски.

И Петар Нечоски, кој работи како музичар, вели дека со интерес ја следи кампањата во Америка.

„Кој и да победи, генерално политиката на САД кон Европа, нашата држава и кон светот нема да се промени. И да се случи некое изненадување да победи Трамп, мислам дека генералната политика на САД е за десет години однапред испланирана“, вели Нечоски.

Бизнисменот Ацо Димитриоски вели дека Македонија ќе ја има поддршката од САД и понатаму.

„Нашите политичари може да научат како се водат кампањи. Независно кој ќе победи, нашата држава секогаш ќе ја има поддршката од Америка“, смета Димитриоски.

XS
SM
MD
LG