Линкови за пристапност

Јужна Кореја верува дека срeдбата Трамп-Ким Јонг Ун е историска можност


Претседателот на САД, Доналд Трамп и лидерот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин денес се среќаваат во Белата куќа во време кога расте скептицизмот во врска со самитот САД-Северна Кореја и дали состанокот воопшто ќе се одржи според планираното.

Се очекува дека Мун Џае Ин ќе се обиде да го увери Трамп дека средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун може да доведе до историски исчекор.

Северна Кореја се закани дека ќе се повлече од разговорите со Трамп критикувајќи ги барањата на САД за „еднострано нуклеарно разоружување.“

По заканата, Трамп и другите претставници од Белата куќа инсистираа дека Северна Кореја мора да се откаже од нуклеарното оружје, а за возврат ќе добие економски бенефиции.

Трамп, исто така се дистанцираше од неодамнешниот коментар на неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон за можната примена на либискиот модел во Северна Кореја.

„Либискиот модел, не е моделот што го имаме пред нас кога размислуваме за Северна Кореја. Ние ја десеткувавме Либија. Немаше договор за да го задржиме Гадафи на власт. Споменатиот либиски модел беше сосема поинаков договор. Овој договор би бил со Ким Јонг Ун, тој ќе остане на власт во неговата држава. Неговата држава ќе биде просперитетна. Тамошните граѓани се многу вредни“ рече претседателот на САД.

Но, според официјални странски и американски претставници, Трамп се советува со своите помошници и странските лидери за тоа дали треба да замине за Сингапур на средбата со Ким по заканата од Пјонгјанг дека ќе се повлечат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG