Линкови за пристапност

Матис: Санкциите кон Пјонгјанг ќе се укинат по денуклеаризацијата


Американскиот секретар за одбрана се осврна на очекувањата од тековните разговори меѓу САД и Северна Кореја

Секретарот за одбрана Џим Матис вчера изјави дека меѓународните санкции кон Северна Кореја ќе бидат укинати, откако ќе бидат преземени конкретни чекори за укинување на нуклеарната програма.

Заедно со колегите од Јужна Кореја и Јапонија, Матис се осврна на очекувањата од тековните разговори меѓу САД и Северна Кореја.

„Ја поздравуваме Декларацијата за мир, просперитет и обединување на Корејскиот полуостров, која беше објавена во април, и во најдобар случај можеме да предвидиме дека патот кон преговори е доста нерамен. Како министри за одбрана, мораме да обезбедиме кооперативен и дефанзивен став, со кој им овозможуваме на нашите дипломати да преговараат во ова критично време. Северна Кореја ќе добие олеснување само кога ќе покаже неповратни и проверени чекори за денуклеаризација“ рече тој.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Сонг Јунг Му рече дека тој е претпазлив оптимист.

„Претпазлив сум во врска со однесувањето на Северна Кореја, но, можеме да видиме посветла иднина со оглед на неодамнешните оптимистички мерки што ги презеде Северот. Треба да ја искористиме оваа шанса“, изјави тој.

Матис рече дека на самитот Трамп-Ким Јонг Ун нема да се разговара за бројот на американски војници во Јужна Кореја.

Тој додаде дека доколку се одржат вакви разговори, тие ќе бидат „одвоени и различни“ од разговорите со Северна Кореја.

Трамп првично повика на брз процес на денуклеаризација, велејќи дека фазниот пристап во минатото не работел.

Но, по состанокот со вишиот претставник на Северна Кореја, изгледа дека Трамп се согласи на ваквиот пристап.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG