Американски бомбардер Б-1Б прелета над Јужна Кореја како дел од заедничката воена вежба која се случува една недела откако Северна Кореја тестираше интерконтинентална балистичка ракета која има способноста да ги погоди САД.
Бомбардерот бил придружуван од ловци од типот Ф-22 и Ф-35. Началникот на генералштабот на јужнокорејската армија рече дека бил изведен симулиран напад на воен полигон.
Во соопштението на армијата на Јужна Кореја се вели дека сојузниците со вежбата покажале „волја и способност да возвратат против нуклеарните и ракетните закани од страна на Северна Кореја“.
САД и Јужна Кореја во понеделникот започнаа со петдневна вежба, по зголемените тензии со Северна Кореја.
Годишната вежба вклучува невообичаено голем број на современи борбени авиони.
На јужнокорејските војници им се приклучија околу 12 илјади американски војници, вклучувајќи маринци и припадници на морнарицата.
Од американското воздухопловство соопштија дека вежбата не е одговор на било каков инцидент или провокација.
Но, севернокорејските државни медиуми објавија дека вежбата го приближува Корејскиот полуостров „до работ на нуклеарна војна“.
Северна Кореја рутински ги осудува воените вежби на САД и Јужна Кореја за кои тврди дека се подготовка за инвазија.
Тензиите на полуостровот предизвикаа загриженост, поради што шефот за политички прашања на ОН, Џефри Фелтман направи ретка посета на Пјонгјанг.
Портпаролот на ОН рече дека Фелтман за време на неговата посета со министерот за надворешни работи Ри Јонг Хо и со заменик-министерот Пак Мјонг Гук ќе разговара за „прашања од заеднички интерес.“
Посетата на Фелтман, како и воената вежба завршуваат во петок.
Facebook Forum