Јордан потврди дека милитантите на Исламската држава (ИД) го убиле јорданскиот пилот Муат ал-Касасбе којшто беше во нивно заложништво. Претходно, на Интернет се појави видео-снимка што навидум покажува дека тој бил запален жив.
Иако снимката и фотографиите од неа беа обелоденети денес, јорданската државна телевизија јави дека пилотот бил мртов уште од 3-ти јануари.
Американскиот претседател Барак Обама изјави дека доколку се потврди дека снимката е автентична, тогаш ова е само уште еден показател за „бруталноста и варваризмот“ на ИД. Тој ова го изјави кусо време по објавувањето на снимката на којашто навидум пилотот е запален жив, додека се наоѓа во кафез. Обама рече дека доколку се докаже дека снимката е вистинита, тогаш може да се очекува „удвојување на будноста и решеноста“ на коалицијата под водство на САД којашто се бори против ИД во Ирак и Сирија.
Американскиот Совет за национална безбедност издаде соопштение во кое наведува дека американските разузнавачки служби работат на потврдување на веродостојноста на снимката и дека САД и се солидарни со со јорданската влада и народот.
Објавувањето на снимката и фотографиите се случи токму кога државниот секретар Џон Кери повика на безбедно враќање дома на јорданскиот пилот. Кери ова го изјави на средбата со јорданскиот колега, пред потпишувањето на нов договор за американска помош за Јордан. Шефот на американската дипломатија ја повика ИД да покаже дека пилотот е жив.
Исламската држава го зароби Касасбе откако неговиот борбен авион се урна во област во Сирија под контрола на ИД. За возврат, милитантите бараа ослободување на ирачката бунтовничка Саџида ал-Ришави, којашто е осудена на смртна казна во Јордан, но властите во Аман соопштија дека ќе ја ослободат само со доказ дека пилотот е жив.