Линкови за пристапност

Северна Кореја и трговијата во фокусот на разговорите Трамп - Абе


Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска е во посета на Белата куќа и се очекува пред претседателот Доналд Трамп да ги претстави интересите на Јапонија, воочи историската средба меѓу Трамп и севернокроејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Трамп претходно кажа дека во фокусот на разговорите со Абе ќе бидат Северна Кореја и трговијата. За престојниот самит во Сингапур, американскиот претседател истакна: „Ова нема да биде само можност за фотографирање“. Ќе треба да се денуклеаризираат, не може да ги укинеме санкциите“.

Пред да замине за Вашингтон, Абе истакна дека неговата влада сака да види напредок во ограничувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја и балистичките проектили. Тој воедно од Трамп ќе побара со Ким Јонг Ун да разговара за состојбата на јапонските државјани, киднапирани од Северна Кореја во текот на 1970-те и 1980-те години.

Во меѓувреме, лидерите на Кина и Јужна Кореја двапати се состанаа со Јонг Ун пред самитот во Сингапур. Абе сигнализираше дека е отворен за разговори со севернокорејскиот претседател, но само ако тоа помогне да се реши проблемот со киднапирањето.

Јапонскиот премиер најверојатно ќе разговара и за неодамнешната одлука на Трамп да воведе царини за челик и алуминиум за, како што, вели, да се заштитат американските работници. Сојузниците на САД, вклучувајќи ја и Јапонија, се спротивставија на мерките.

Абе рече дека таквите ограничувања не се корисни.

Трговијата најверојатно ќе биде клучна тема на престојниот Самит на лидерите на Г-7, што неделава ќе се одржи во Канада.

По разговорите, најавена е заедничка прес-конференција во 14:00 часот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG