Елон Маск, основачот и прв човек на компанијата „Спејс Eкс“ ќе праќа турист околу Месечината.
Прв патник ќе биде богатиот јапонски бизнисмен Јусакa Маезава. Цената на билетот за оваа вселенска екскурзија засега е тајна.
Новиот проект и првиот турист Маск ги претстави на средба со медиумите, која вчеравечер се одржа во седиштето на компанијата во близината на Лос Анџелес.
Јапонскиот милијардер истакна дека тоа патување е остварување на неговиот сон.
„Овој проект многу ми значи. Долго размислував за тоа колку е битно да се биде првиот патник што приватно ќе патува околу Месечината. Но, во исто време, размислувам и за тоа како ова може да биде од големо значење за светот и за светскиот мир“, рече Маезава.
Според плановите, летот треба да се реализира во 2023-та година, а јапонскиот турист билетот ќе го плати однапред.
Иако цената не се открива, парите ќе бидат искористени за изградба и подготовка на ракетата „Биг фалкон“, која ќе треба да го однесе на оваа екскурзија.
Сепак, јапонскиот турист нема да слета на Месечината, туку само ќе орбитира.
Маезава има 42 години и е сопственик на модниот бренд „Зозо“. Тој е познат како екстравагантен колекционер на уметнички дела.
Со него ќе одат и неколкумина уметници, со цел да создадат заедничко дело „инспирација на сонувачот во секој од нас“.
Доколку плановите се реализираат, Маезава и неговите гости ќе бидат првите луѓе што патувале околу Месечината после мисијата Аполо во 1972-та година.
Facebook Forum