Линкови за пристапност

Трамп во Јапонија - Северна Кореја доминира во разговорите


Јапонскиот премиер Шинсо Абе, го повторил ставот на претседателот на САД Доналд Трамп, дека „сите опции се на маса“ кога станува збор за севернокорејската нуклеарна програма

Со посетата на Јапонија, претседателот на САД, Доналд Трамп, ја продолжува 12-дневната турнеја низ Азија. Јапонскиот премиер Шинзо Абе, по средбите го повтори ставот на Трамп дека „сите опции се на маса“, кога станува збор за одговор на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Абе додаде дека време е да се изврши максимален притисок врз Пјонгјанг.

По вториот ден состаноци, обајцата лидери потврдија дека Северна Кореја била доминантна тема во разговорите.

Обидот на Пјонгјанг за поставување на нуклеарна боева глава на интерконтинентална балистичка ракета, Трамп го нарече „закана за цивилизираниот свет и меѓународниот мир и стабилност“.

Трамп повтори дека дојден е крајот на ерата на стратешко трпение, во обид за справување со Пјонгјанг.

На дневен ред на разговорите била и трговијата. Претседателот на САД ги повикал јапонските бизнис лидери да го интензивираат производството во САД, додавајќи дека американската трговија со Јапонија „не е фер и слободна, но дека тоа еден ден ќе се промени“. На оваа средба присуствувале претставници од 18 поголеми јапонски корпорации и 9 компании од САД. Трамп предвидува дека без Договорот за транспацифичко партнерство, овие две земји „би имале поголема трговска размена од што може да се замисли“.

Следна станица од турнејата на лидерот на САД низ Азија е Јужна Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG