Претседателот Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, за време на средбата во Белата куќа, претставија порака на единство, во услови кога Трамп сугерираше отвореност за алтернативите за постоње на две држави, како решение на израелско-палестинскиот конфликт.
Предлогот на Трамп дека САД можно е да поддржат единствена држава како долгорочно решение за регионот, потенцијално ги доведува во опасност американските дипломатски напори, чија цел е креирање на независна палестинска држава, што би постоела до Израел.
„Гледам на две држави, и на една држава, и би поддржал таква опција за која и двете страни ќе се договорат“, изјави Трамп за време на заедничката прес-конференција со Нетанјаху во Белата куќа. „Некое време помислив дека две држави можно е да биде полесната од двете солуции, но искрено, ако Израел и Палестинците се среќни, ќе бидам среќен со она што тие ќе сметаат дека е најдоброто решение“.
Претседателот Трамп воедно од израелскиот лидер побара „за малку да го одложи“ проширувањето на населбите на палестинска територија, додека Белата куќа работи на напори за оживување на блискоисточниот мировен процес.
Нетанјаху исто така одби да коментира за решението за постоење на две држави, најавувајќи дека со Трамп ќе разговара по прашањето за населбите, во иднина.
Во фокусот на разговорите на двајцата лидери беа областите на соработка, вклучувајќи го спротиставувањето на радикалниот исламски тероризам, како и тоа дека Иран нема да дојде до нуклеарно оружје.
Палестинските претставници негативно реагираа на сугестиите дека САД би ги напуштиле напорите да се дојде до решение за постоење на две држави.
Американски претставници веќе подолго време изразуваа противење за постоење на само една држава.
Во меѓувреме, со реакција се јави и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој ја повтори поддршката за две држави.
„Нема 'план Б' кога станува збор за Палестинците и Израелците, туку решение за две држави. Треба да се стори се`, за да се зачува таа можност“, кажа тој.