Виш претставник на Белата куќа изјави дека мирот меѓу Израел и Палестинците, не мора автоматски да се постигне преку постоење на две држави.
Воочи денешната посета на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху на Вашингтон, претставникот на Белата куќа истакна дека САД нема да ги „диктираат условите за мир“, но ќе го „поддржат она што ќе се договорат обете страни“.
Според официјалниот став на САД, Израел и Палестинците треба да изготват договор за постоење на две држави, чекор поддржан и од ОН.
Последен пат мировни преговори имаше пред три години и на нив не беше постигнат никаков договор.
На денешната средба меѓу претседателот Трамп и премиерот Нетанјаху, се очекува фокусот да биде на Иран и нуклеарниот договор од 2015-та година. Со него Иран требаше да ја ограничи нуклеарната програма, со цел спречување на производство на нуклеарно оружје во замена на олеснување од санкции.
Договорот наиде на негодување и кај Трамп и кај Нетанјаху, кои велат дека е од преголема корист за Иран.