Американската федерална Голема порота го обвини 30-годишниот Муфид Елфџи од Рочестер во сојузната држава Њујорк за обид да даде поддршка и средства на Исламската држава и за обид за убиство на припадници на американската армија.
Одделот за правда тврди дека Елфџи охрабрил две лица да заминат во странство за да се борат за Исламската држава, а пратил и 600 долари на лице во Јемен за тие да можат да патуваат во Сирија и да се борат со милитантите.
Генералниот правобранител Ерик Холдер рече дека САД „и натаму енергично ќе ги идентификуваат и спречуваат“ оние што сакаат да наштетат на Американците.
Обвинението од седум точки го товари Елфџи и за поседување на огнено оружје и примање на нерегистрирани придушувачи за оружјето.