Уништувањето на Исламската држава се покажа потешко отколку што претпоставуваа САД и сојузниците. Најновите проценки на разузнавачката заедница предупредуваат дека самопрогласениот калифат е во „добра позиција“ повторно да се обнови.
Со месеци американски и коалициони претставници го истакнуваа фактот дека со комбинираните воздухопловни и копнени сили на теренот биле ослободени речиси 98 проценти од територијата која некогаш ја држеше Исламската држава во Сирија и Ирак.
Сега, истите овие претставници признаваат дека сепак не` е доволно сторено.
Исламската држава „е добро позиционирана да се обнови и да работи на обновување на нивниот калифат“ вели портпаролот на Пентагон Шон Робертсон во писмената изјава за Гласот на Америка.
Изјавата е одговор на прашањето за најновите проценки на разузнавачките служби во кои се вели дека бројот на борци на Исламската држава во Ирак и Сирија изнесува меѓу 28 и 32 илјади лица. Оваа бројка е блиска до онаа кога групата ја имаше својата најголема моќ.
Друг извештај на Обединетите нации упатува на сличен заклучок. Во него се проценува дека Исламската држава има околу 30 илјади борци, речиси подеднакво поделени меѓу двете држави.
Овие бројки се контрадикторни со податоците кои коалицијата неодамна ги соопштуваше на брифинзите за новинарите и кои укажува на тоа дека има мал број на преостанати борци на Исламската држава во Сирија.
Некои виши воени претставници ги отфрлија најновите проценки за моќта на Исламската држава, велејќи дека во бројките се вклучени не само борци, туку и членови на нивните семејства и симпатизери кои немаат волја или способност да се борат.
Но, најновите информации на Пентагон сугерираат дека и во таков случај, Исламската држава е поотпорна и поопасна од претпоставките.
Досега, коалицијата предводена од САД изврши околу 24 илјади воздушни напади, при што според некои американски воени претставници загинале околу 70 илјади борци.
Ако најновите проценки се точни, Исламската држава успеала да ја задржа бројката делумно благодарение на приливот на повеќе од 40 илјади таканаречени странски борци, кои доаѓаат од повеќе од 40 земји.
Финансиите на терористичката група иако не се како поранешното ниво, се чини дека се во добра форма.
Во извештајот се наведува дека Исламската држава продолжува да заработува пари од изнудување, киднапирање, земање даноци, како и од продажба на нафта. Тие го искористиле забавувањето на борбите и го обновиле пристапот до нафтените полиња во североисточна Сирија.
Организацијата исто така е вклучена во трговија со луѓе, и покрај напорите на коалиционите партнери за ставање крај на овие активности.
Facebook Forum