Линкови за пристапност

Продолжува вжештената реторика на релација САД - Иран


Иранскиот претседател Хасан Рoхани изјави дека кампањата за „максимален притисок“ од страна на администрацијата на Трамп не успеала и дека санкциите воведени по напуштањето на договорот од 2015 година за иранската нуклеарна програма покажуваат дека САД се очајни.

Во изјава дадена пред да отпатува за Њујорк за да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, Рохани исто така рече дека САД и Саудиска Арабија ја преувеличиле штетата направена од нападот врз саудиските нафтени капацитети на почетокот на овој месец.

Рохани ја обвини администрацијата на Трамп дека сака да ја преземе контролата врз регионот. Претходно рече дека неговите планови за средбите во Обединетите нации вклучуваат презентирање на регионален план за соработка за мир.

Американските и саудиските власти го обвинија Иран за нападите, а британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека неговата влада верува дека постои „голема веројатност“ дека Иран бил одговорен.

Додека многу светски лидери ќе имаат средби во Обединетите нации, средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Рохани се чини малку веројатна.

Трамп во неделата рече дека нема намера да разговара со Рохани, а иранскиот претседател изјави дека нема да се сретне со Трамп сè додека САД не ги укинат економските санкции.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG