Линкови за пристапност

Зариф: Трамп „да се обиде да почитува“ наместо да се заканува


Американскиот претседател во неделата кажа „ако Иран сака војна, тоа ќе биде официјалниот крај на Иран“

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф сугерираше дека претседателот Доналд Трамп треба „да се обиде да почитува“ наместо да се заканува.

Тој одговори на неделниот пост на Твитер во кој Трамп напиша: „Ако Иран сака војна, тоа ќе биде официјалниот крај на Иран. Никогаш повеќе не се заканувајте на САД!“

Зариф рече дека Трамп, под притисокот на неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидуваат да го постигнат она што „другите агресори не успеаја“.

„Иранците опстојувале со милениуми додека агресорите веќе ги нема“ вели Зариф, додавајќи дека „Економскиот тероризам и геноцидните намери нема да го уништат Иран.“

Минатата недела, Трамп како да се повлече од својот тврд став кон Иран, велејќи дека е отворен за разговори.

На прашањето од новинар дали САД ќе влезат во војна со Иран, Трамп одговори: „Се надевам дека нема“.

Меѓутоа, нема видливо намалување на тензиите меѓу САД и регионалните сојузници од една страна и Иран од друга.

Стејт департментот соопшти дека во неделата „ракета со мала моќ“ паднала во зелената зона во Багдад, на помалку од еден километар од американската амбасада. Во инцидентот немало жртви или материјална штета.

Портпаролот на Стејт департментот вели дека САД нема да ги толерираат ваквите напади и дека Иран ќе биде одговорен „ако такви напади се изведени од паравојските поддржани од официјален Техеран.“

Претходно, Саудиска Арабија ги обвини бунтовниците Хути во Јемен кои се поддржани од Иран за напад со беспилотни летала на две саудиски нафтени станици.

САД, исто така, се сомневаат дека Иран стои зад саботажата на четирите нафтени танкери од брегот на Обединетите Арапски Емирати минатата недела. Два од оштетените танкери биле во сопственост на Саудиска Арабија.

Саудијците, исто така, велат дека нема да ја толерираат иранската агресија.

Иранската новинска агенција го цитираше шефот на иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами дека Техеран не сака војна, но не се плаши од неа.

Пентагон веќе испрати носач на авиони и бомбардери во регионот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG